Летната столарска едукативна работилница ќе трае од 3 до 10 август 2024 година, во Берово.
Наменета е за лица кои сакаат да стекнат лични столарски вештини и сакаат да се занимаваат со обработка на полно, масивно дрво. Искуство не е потребно. Поттикнуваме да се пријавуваат жени.
Во работилницата го имаме потребниот алат и материјали за спроведување на активностите. Ваше е да понесете лична заштитна опрема (заштитни наочари, заштитни ракавици, FFP2/N95 маска и тампони за уши) и да сте соодветно облечени за работа и можна прашина.
Групата е ограничена на 12 лица, со цел да се овозможи ефективно пренесување на знаењата од инструкторите - професионални столари и за да се овозможи комоција на движење и работа во просторот.
Материјалите кои ќе се употребуваат во работилницата се масивно дрво и тоа најмногу бука и чам (ела, бор, смрча) како локални, беровски видови, но за некои задачи ќе се користи и орев и даб. Дел од материјалите кои ќе се користат на работилницата се остаток од производството на мебел од компаниите - наши поддржувачи, со што успеваме да го намалиме отпадот кој се создава во мебел индустријата. „Во столарството не постои отпад, само парчиња кои допрва треба да најдат употреба.“
Работниот јазик е македонски.
Котизација за учество во работилницата е 21.900,00 денари. Во котизацијата е вклучен трошокот за самата работилница и материјалите кои ќе се искористат. Во котизацијата не е вклучено вашето сместување за време на работилницата, вашата исхрана, ниту трошокот за да стигнете до Берово.
Пријавувањето на работилницата е отворено до 20 јули. Пријавувањето ќе се врши на принципот - први пријавени - први услужени. За пријавени ќе се сметаат тие лица кои ќе имаат пополнето пријава и уплатена целосна или делумна котизација.
За да се спроведе работилницата потребни се најмалку 8 учесници.
Оваа работилница е спроведувана од страна на здружението на граѓани Одржливи инивијативи од Скопје, а е поддржана од компаниите: Дуја ГСВ дооел Берово, Пела Милан, Астал Масив и Монозеро.