Културата е основна компонента и клучен фактор во промоцијата на човековите права, практикувањето на демократијата и владеењето на правото. Поаѓајќи од потребата за градење на силна и стабилна демократија и почитување на концептот „учество и култура за сите“, Националната стратегија за развој на културата 2018 – 2022 има за цел да овозможи еднакви културни права за сите; пристап до културата и создавање на услови за негување на слободата и разноликоста на творештвото и на различните културни идентитети. Согласно актуелниот закон за култура, секој има право на слободно творештво, непрофесионално или професионално, независно од возраста, образованието, верската, етничката или друга припадност. Оттаму младите имаат право на еднаков пристап до културата, учество во културното творештво и во процесите на креирање културни политики кои се однесуваат на младите.