ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА ПРОТИВ ВОЈНИТЕ, НАЦИОНАЛИЗМОТ И УГНЕТУВАЊЕТО НА БАЛКАНОТ
Ниту на Балкaнот војните не се далечно сеќавање. Војните во поранешна Југославија, етничките конфликти во Македонија, грчко-турскиот спор за Кипар и Егејот се отворени рани кои го подгреваат национализмот, додека истовремено се злоупотребуваат од империјалистичките сили. Народот на Балканот ги има искусено сите катастрофи што капитализмот ги има нанесено на овој регион. Toj e жртвa на сите војни и интервенции организирани од страна на империјалистичките сили што сакаат да ја наметнат својата доминација.
Сега, војната во Украина започна нова светска ера. Оваа трагедија не само што е болна за народите, туку претставува и закана од општ воен хаос, дополнително засилувајќи ја тенденцијата на засилените антагонизми на буржоаските држави и капиталистичките блокови да се изразат со војна. Милиони луѓе низ светот се привикнуваат на идејата дека влегуваме во „предвоено“ време, што подразбира нова Голема војна. Политичките и воените елити се подготвуваат да ги искористат работниците и младите како „топовско месо“ за да го спасат капитализмот од криза. Империјалистичките антагонизми ни укажуваат на неразрешената капиталистичка криза, која дополнително ја зголемува капиталистичката конкуренција на секое ниво. Сите држави го зголемуваат својот воен буџет, а ова доведува до опасна милитаризација и раст на национализмот.
Многу настани укажуваат дека работите излегуваат од контрола. Јасно ни е, хегемонијата и превласта не се наметнати само од Западот, туку претежно од Соединетите Американски Држави. САД, НАТО и ЕУ ја користат својата воена предност за да го неутрализираат економскиот раст на Кина и сојузот Кина-Русија. Ова се гледа и од самата опсада од САД-ЕУ-НАТО на Русија, и на Кина на Пацификот. САД бараат излез од својата сопствената криза преку употреба на својата воена моќ за да се наметнат. НАТО е смртоносен империјалистички механизам, кој ги поддржува сите инвазии што уништија многу земји во целост и доведоа до милиони бегалци, на Блискиот Исток, Сирија, Ирак, Либија, Авганистан, поранешна Југославија. ЕУ, исто така, никогаш не била „народен дом“. Напротив, таа е механизам за експлоатација и уништување на работничките права - промовира приватизација и флексибилен труд. Од друга страна, Русија и Кина не претставуваат никаква антиимперијалистичка бариера. Подемот на Русија нема за цел да го обнови СССР, туку Руската империја. Руските воени сили пробуваат да ги потчинат соседните народи, многу различно од она што го правеше големата пролетерска Црвена армија. А и „новиот пат на свилата" на Кина не се базира на праведна размена, туку функционира исто како и веќе-постоечките капиталистички и империјалистички структури. Руската и кинеската работничка класа, и во својата земја, е заробена и угнетена.
На Балканот отсекогаш постоеле империјалистички антагонизми, и во оваа нова ера на војни, „замрзнатите конфликти“ можат многу лесно да се потпалат. Ние се бориме за мир, против империјалистичките војни и против зголемената милитаризација. Мора да се осамостоиме од политиката на буржоазијата во секоја од земјите и од онаа на меѓународните капиталистичко-империјалистички блокови.
Израел и понатаму врши геноцид врз палестинскиот народ во Газа, и ова е најголемиот масакр на нашето време. Има само малку преседани во историјата за етничкото чистење што го извршуваат израелските одбранбени сили и го финансираат и поддржуваат САД и Западна Европа. Обидите на Израел да го претвори геноцидот во Газа во регионален конфликт, заедно со други операции во Либан, Иран, Сирија и Јемен е во согласност со целите на американскиот империјализам да ги реорганизира односите на моќ во целиот регион. Масите се поистоветија со каузата на палестинците, без да им повлијае пристапот на на повеќето буржоаски влади на Блискиот исток. Со поддршка од НАТО, Израел пробува да ги анексира Палестина, Либан и Сирија, како дел од ултрационистичкиот проект за „Голем Израел“. Сепак, масакрот врз палестинскиот народ и уништувањето на цивилната и на хуманитарната инфраструктура, не e целосен триумф за Израел. Израелската влада сеуште се соочува со силниот отпор на палестинскиот народ против ционистичката и империјалистичката доминација. Овој отпор мора безусловно да се поддржи, што не подразбира и политичка солидарност со политиките на неговото раководство. Како социјалисти, активно ја поддржуваме нивната правична борба и повикуваме на крај на геноцидот и за слободна Палестина. Геноцидот во Газа предизвика и спротивна реакција. Борбата против геноцидот во Палестина е водена и од дел од младината и работничката класа во десетици земји и е радикално масовно движење какво што немаме посведочено со децении. Обемот на студентски окупации во САД за поддршка на Палестина е споредлив со антивоеното движење за Виетнам, а се проширува и низ синдикалните движења. Ние, како интернационалисти сме дел од пошироко движење и ја избираме страната на угнетените луѓе и нивното право да се бранат со сите средства што им стојат на располагање за водење на таа борба, против империјализмот и неговите манифестации. Народите на Балканот знаат што е етничко чистење, тие се запознаени со окупаторско варварство. Во сите наши земји има поранешни, но и нови бегалци, претежно луѓе од Блискиот Исток, жртви на империјалистичките интервенции. Борбата на палестинскиот народ е и наша борба!
Додека капиталистите се подготвуваат за нова Голема војна, доминантните политички сили на Балканот ги држат луѓето окупирани со дилемата меѓу про-Западните/ЕУ партии и националистичките или крајнодесничарските партии. А при тоа, и двете страни ги застапуваат интересите на буржоазијата. Историјата покажува дека логиката на „помалото зло“ секогаш води до поголемото.
Токму во овие рамки на Балканот се развиваат расистичките идеи и екстремната десница. Неопходно е да се организира борба против фашизмот. Оваа борба се води на улиците и преку директни акции на обединетиот фронт на работничките сили. Ние ја отфрламе политиката на кревање на очекувањата за буржоаската демократија како начин за борба против крајната десница. Фронтот со „демократската“ буржоазија ја одзема моќта на работниците и води до најлошите предавства и порази. Треба да бидеме свесни дека владите на овој „демократски“ империјализам ги предизвикаа најголемите масакри во денешно време, како и невидените мерки на штедење врз народот. Буржоазијата, не само што не се бори против ултрадесничарите, туку и склучува договори со нив и ги предава работниците.
Империјализмот и институционалниот расизам на сите балкански влади ја подгрева омразата на фашистите и националистите. Договорите што се спонзорирани од империјалистички организации не нудат вистински „решенија“. „Мировните договори“ во Босна, Косово и Преспанскиот договор меѓу Грција и Македонија не беа напад против национализмот, како што беа претставени. Напротив, тие служат на империјалистичките цели во регионот, и истовремено ја поттикнуваат националистичката динамика со наративот за „национално предавство“.
Во моментот, во сите балкански земји се прават напори да се ревидира историјата – процес што се води и на глобално ниво – на пример, преку поистоветување на фашизмот со комунизмот. Други политички сили се обидуваат да го искористат националниот идентитет како причина за конфликти и војни. Тие ја деградираат класната борба, за да ја вклопат во националистичките наративи, игнорирајќи ја социјалната и класна димензија.
Потврдуваме, повикувајќи се на традицијата на конференцијата во Цимервалд, дека главниот непријател е дома. Ова е и традицијата на балканските социјалисти од почетокот на минатиот век. Балканските социјалисти се соочуваа со прашања кои и денес се актуелни. Капитализмот, што пристигна подоцна во овој регион, го поттикнa развојот на држави што имаат спротивставени претензии. Регионот отсекогаш бил во фокусот на ривалствата помеѓу големите сили, каде локалните конфликти се измешани со надворешните интереси.
Алтернативата што ја предлагаа балканските социјалисти беше борбата за Балканска федерација, со што се предизвикуваат локалните држави и империјалистичките интереси што ги водат. Идејата за федерација оддолу не беше само парола, туку произлегуваше од борбата против националистичките политики на поединечни држави и анализата на поширокиот империјалистички систем во кој доминантните сили или соработуваат, или се во натпревар за прераспределба на светот во нивен интерес. Традицијата на социјалистичкиот активизам на Балканот, дури и во најтешките околности, сè уште претставува инспирација и за денешницата.
Соочени со заканата од европска војна, повеќето социјалисти во Европа ја напуштија својата интернационалност за да ги поддржат воените напори на нивните земји. Ленин и Болшевиците во Русија не беа едни од нив, како и многу балкански социјалисти, дури и под огромен притисок. Револуционерите ја поддржуваа идејата за Балканска Социјалистичка Федерација против националистичкото труење врз народот во Македонија. Илинденското востание (1903) беше бунт на сиромашните против нивните угнетувачи, но и против сите национализми. Во Србија, додека австриската армија напредуваше (1914) и дури социјалистите беа под огромен притисок, некои од нив сеуште се повикуваа на интернационализмот и со огромна храброст се спротивставија на војната, дури и во српскиот парламент. Грчките војници за време на империјалистичката интевенција во Укрина (1919) и Грчко-турската војна (1919-1922) ја промовираа идејата за комунистичка револуција и беа во првите борбени редови против неправедните војни. Ставот на овие луѓе не инспирира сите нас!
Историски гледано, социјалистичките/комунистичките движења на Балканот се спротивставуваат на националистичките и буржоаски политики и фашизмот. Заедничката борба на Грците, Македонците, Србите и сите народи на Балканот против фашизмот и империјализмот за време на нацистичката окупација е пример како луѓето на Балканот можат да се обединат против монструозноста на национализмот, фашизмот и империјализмот.
Потребно ни е интернационално антивоено движење на работници и народи, кое е независно и е спротивставено на силите на капиталот и империјалистичките блокови. Круцијално е да се формира масивен, интернационален, независен „сојуз“ на луѓе кој ќе ја загрози воената стратегија, без да поддржува ни една од страните на војната. Општо земено, големото прашање на денешницата е независноста на работничкитe политики и револуционерниот одговор од име на целото човештво за сите големи актуелни проблеми - од трудот до еколошката криза, од демократијата до мирот, во потрага на нова ера на социјализам/комунизам како контраст на војните и уништувањето инхерентно на капитализмот.
Денес го водиме заедничкиот фронт против двете главни форми на буржоаската политика - буржоаскиот национализам и буржоаскиот космополитизам што му служи на империјализмот. За антиимперијалистичка, класна и интернационална солидарност на луѓето против буржоаската класа и национализмот во сите земји. Ова е единствениот начин да се одвојат силите на работничката класа од буржоаската политика, што претставува темелна основа за формирање на нова алтернатива на Балканот.
Политичките системи на балканот стануваат сѐ пореакционерни. Олигарсите и нивните политички слуги го крадат народот и трупаат богатство преку екслопатација на работниците. Институционалниот расизам на владите ја подгрева омразата на фашистите и националистите и создава граѓанска војна меѓу сиромашните. Зборуваат за „нашите работници“, за поефикасно да ја водат војната против сите работници. Зборуваат за „нашата нација“ подготвувајќи се за масовно уништување на сите луѓе.
Наши непријатели се империјализмот, капиталистичките олигарси во нашите земји и нивните политички слуги. Наши непријатели се фашистите и расистите. На Балканот повторно се појавуваат движења на отпор. Ние секогаш ќе се бориме против системот што ги угнетува луѓето и ги уништува нивните животи, за солидарност на народите против заедничките непријатели, за ново општество засновано на еднаквост и правда.
Пролетери од цел свет, пролетери на Балканот, обединете се!
Потписници:
НАР – Нова лева сила за комунистичко ослободување (Грција)
Црвена иницијатива/Црвена акција (Србија/Хрватска)
Социјалистичка зора (Македонија)
Скопје, 21.12.2024