Годишен извештај 2013
НаТочак
Вовед
Иницијативата НаТочак беше започната во април 2012-та година од страна на група ентизијасти - точакољупци со цел подигање на свеста за велосипедот како урбано превозно средство и негово издигање на ниво на рамноправен учесник во сообраќајот во Скопје.
Овој извештај ја сумира работата на оваа неформална група граѓани во 2013-та година. Изминатата година најголем дел од активностите и работата на НаТочак беше фокусирана на градење институционална соработка со цел подобрување на состојбата на велосипедската инфраструктура и поддршка во организирање на Критична маса во Скопје.
Кон каузата придонесоа работните акции кои ја надополнуваа темата на секоја Критична маса, организирањето на настани од едукативен и информативен карактер. Искуството стекнато преку учество во регионални настани на тема урбан велосипедизам и активизам беше употребено во активностите кои се однесуваа на соработка со надлежни институции и други организации.
Групата НаТочак е волонтерски помогната од голем број на неформални експерти и креативци кои преку своето индивидуално изразување и употреба на своето знаење и вештини придонесуваат за афирмација на велосипедот како превозно средство.
Една година е прекратко време за да се отворат сите фронтови на делување и за да се постигнат значителни и видливи резултати. Долгорочната визија и посветеност на НаТочак се одразува преку континуирано покренување иницијативи. Реализирањето на овие иницијативи се охрабрува преку отворена соработка со индивидуи, организации, компании и инстуции.
НаТочак е исклучиво самофинансирана иницијатива каде сите приходи доаѓаат од учесниците на Критична маса, а расходите во најголем дел се однесуваат на промотивни материјали кои се користат за информирање на пошироката јавност.
Комуникацијата со подржувачите на иницијативата се остварува најмногу преку употреба на новите технологии, односно преку социјалните медиуми. Редовното информирање на заедницата за тековните активности се врши преку традиционалните и новите медиуми. НаТочак ги користи сите канали за комуникација што му се на располагање за да допре до сите засегнати страни.
Искрено им благодариме на сите што ја дадоа својата поддршка на НаТочак за ширење на вело-културата во Скопје на било кој начин изминатава година.
1. Работни акции
Во просек НаТочак организираше или поддржа по една работна акција месечно во текот на 2013-та година. Голем дел од нив беа поврзани со темата на тековната Критична маса.
- 22.03.2013 - Анализа на изборните програми од кандидатите за градоначалници на 10-те скопски општини и Град Скопје за локалните избори во 2013-та година. Беше направен преглед на изборните програми во однос на урбаниот велосипедизам во град Скопје
- 13.04.2013 - Круг до Тетово, низ Тетово и назад :) Да ја поддржиме КМ #1 во Тетово! - Поддршка и учество во првата критична маса во Тетово
- 14.04.2013 - Запознај го точакот! Сподели – научи – поправи! - Јавен настан - работна акција во градскиот парк со цел едукација на велосипедистите за основно одржување на велосипедите
- 18-19.05.2013 - „Фитнес за вашиот велосипед“ - организирани три сервисни пунктови заедно со Wurth на патеката на кеј каде бесплатно можеа да ги сервисираат своите велосипеди
- 30.05.2013 Организиран сервисен пункт пред МКЦ на крајот на роденденска КМ13 каде што сите учесници на критична маса бесплатно можеа да ги сервисираат своите велосипеди
- 15-17.07.2013 - Акција во која сите вело-недоследности на бул. „Јане Сандански“ и бул. „Партизански Одреди“ за ЈП „Улици и Патишта“ беа евидентирани, фотографирани и мапирани со помош на GPS координати.
- 12.08.2013 - „Предлог за подобрување на постоечката инфраструктура за урбан велосипедизам во Град Скопје“ - испратено барање до градоначалниците на десетте скопски општини и град Скопје
- 31.08.2013 - По реакција на неколку граѓани беше испратена фото-документирана пријава до Општина Карпош за вело-недоследности на рекреативната патека на кејот на Вардар
- 28.09.2013 - Обележување на вело-недоследностите (неслеани рабници кон велосипедска патека, ударни дупки, остатоци од сообраќајни знаци, ненивелирани шахти, оштетен бехатон, знаци, билборди, корпи за дислоцирање, автобуски постојки за заобиколување, нерамна коло траза на краен раб меѓу коловоз и тротоар, денивелиран асфалт) на патеките низ Град Скопје, мапирани неправилности на вкупно 92% од целата велосипедска мрежа. Во форма на детален извештај се разгледува на редовни состаноци со Град Скопје.
- 26.10.2013 - До Гостивар преку Тетово и назад! Да ги поддржиме гостиварчани на втората Критична маса! - Поддршка и учество во првата критична маса во Гостивар
- 20.11.2013 - „Колку те чини твојот превоз?“ (Видео 1, Видео 2, Видео 3) - Видео споредба на точак против кола низ сообраќај. Беше направен серијал на визуелни споредбени прикази за потребното време и финансии за три различни рути во автомобил и на велосипед низ Скопје.
- 23-28.11.2013 - Изработен предлог за 14 нови поврзувања на патеката на Кеј со останатата велосипедска мрежа и доставен до надлежните во Град Скопје.
- 07.12.2013 - Работилница: „Направи сам - зимски гуми за точак“ во Автономниот културно социјален центар (АКСЦ) заедно со Сергеј Гегај - автор на блогот „Лежипед“.
- 1-31.12.2013 - Испратени 28 пријави за евидентирани вело-недоследности пратени до Град Скопје со цел нивно санирање од страна на надлежните институции
2. Соработка со институции
Остварена е соработка со Град Скопје, Општина Центар, Општина Карпош и Јавно претпријатие Улици и патишта (УиП). На состаноците беше дискутирано за постоечките проблеми со кои се соочуваат велосипедистите. Во таа насока беа изработени документи во кои беа мапирани вело-недоследности на сите патеки и истите беа предадени на Град Скопје. Оттука произлегоа предлози за подобрување на велосипедска инфраструктура.
Беше побарано да се подобрат условите за возење велосипед во Скопје по што беше формирана работна група од страна на Град Скопје со претставници од повеќе сектори, со кои во заедничка соработка се работи на следниве теми:
- Подобрување на состојбата на постоечките велосипедски патеки
- Редовно одржување на велосипедските патеки во поглед на санација на дупки, пукнатини и нерамнини на патеките. Систематско нивелирање на патеките преку порамнување на рабници, шахти и одводни канали (сливници) со цел овозможување глатко движење. Обновување на хоризонтална и вертикална сигнализација и поставување нова каде што отсуствува, со конзистентен изглед. Обележувањето на патеките треба да го следи природниот тек на движење и да се избегнуваат нагли свртувања, особено на крстосниците.
- Овозможување на континуирано движење по велосипедските патеки
- Дислоцирање или заобиколување на мобилни и фиксни пречки од патеките како што се: паркирани возила, контејнери, билборди, семафори, сообраќајни знаци и автобуски постојки. Потребно е редовно чистење на патеките од отпад, стакло, трње, мраз, снег, трева и виснати гранки. Справување со проблемот каде пешаците ги користат велосипедските патеки.
- Зголемување на бројот на паркинг места за велосипеди
- Обезбедување видливи и функционални паркинг места за велосипеди под надзор пред јавни институции и на јавни простори.
Во перспектива на долгорочен и одржлив развој на велосипедскиот сообраќај, беа разгледани можности за следење на позитивните практики од развиените градови:
- проширување на велосипедската мрежа преку градење нови велосипедски патеки, следејќи ги стандардите за изградба на истите
- воведување зони на намалена брзина на движење на моторните возила, онаму каде што нема просторни услови за нови велосипедски патеки, со цел безбедно заедничко сообраќање на возачите на моторните возила и велосипедите
- континуирано одржување, подобрување и проширување на јавниот систем за изнајмување велосипеди
- интегрираност на велосипедскиот со јавниот транспорт за овозможување на комбинирани патувања што ќе го зголеми користењето и на велосипедот и на јавниот транспорт за патувања за кои вообичаено не би се користеле
- воведување статистика за следење на учеството на велосипедскиот во вкупниот сообраќај во градот итн.
Беше остварена средба со раководството на ЈП „Улици и патишта“. На средбата беа презентирани најчестите типови на проблеми поврзани со инфраструктурата:
- Ненивелираност на велосипедски патеки (високи рабници, шахти, сливници)
- Фиксни пречки на велосипедски патеки (сообраќајни знаци, семафори, билборди, корпи итн. поставени на несоодветни места)
- Дотраеност или отсуство на маркација на велосипедски патеки (хоризонтална и вертикална сигнализација)
- Организираност на велосипедски патеки со нагли свртувања и нелогични правци (цик-цак движење)
- Оштетеност на велосипедските патеки (дупки, пукнатини, предели без асфалт, нерамен асфалт)
Беше остварена средба со градоначалникот и други претставници од Општина Центар каде прво бевме запознаени со ингеренциите на општината и беше разговарано на две теми: локации за поставување велосипедски паркинзи и нивните планови за нови велосипедски патеки во општината.
3. Соработка со организации и креативци
Велосипедот како средство за транспорт не е само превозно средство, туку и препознатлив урбан симбол преку кој се изразуваат и со кој се идентификуваат голем дел млади индивудуалисти, креативци и уметници. Голем дел организации исто така го препознаваат бенефитот од поддржувањето на ова превозно средство. За некои од нив, НаТочак и Критична маса беа директна инспирација за некои од нивните уметнички и авторски дела.
- Дизајн: Кирил Стоилов, Давор Пехчевски, Горан Костовски, Игор Делов, Небојша Гелевски, Александра Христов, Сања Вељаноска, Гоце Митевски, Ива Димовска, Fitz Feetz, Воислав Димитријевиќ, Елена Диновска
- Аудио: Петар Николоски, Ненад Тонкин, Валентина Миновска, Foolish Green
- Уметност:
- Димче Димески - уметничка инсталација „Критична Маса - првиот бран“ во Чифте Амам (интервју)
- Гоце Велески (типографија Skopje Bike)
- Видео: Кирил Шентевски, Раде Марковски, Борис Ристовски, Милан Бибановски, Karas4Training
- Музика: Фонија; Човекот од Хром, Ѓон, Вселенковци feat DJ Goce; Ненад Трифуновски
- Консултации: Бојан Ранташа, Сергеј Гегај
- Компании: WURTH MACEDONIA, Ценскоп ДОО Скопје, Скопје Сити Мол
- Училишта: СУГС Јосип Броз Тито, ДСГГУ Здравко Цветковски
- Организации: МЦМС, РЕЦ
4. Учество на настани
НаТочак организираше и учествуваше на неколку домашни и регионални настани во 2013-та година, поврзани со урбан велосипедизам, граѓански активизам и промоција на велосипедот како транспортно и рекреативно превозно средство.
- 29 мај 2013 - Јубилејна прослава „Една година Критична маса“ пред Младинскиот културен центар каде што се организираше концерт со следните артисти: Фонија, Човекот од Хром ака ЛД Пистолеро, Љупа Д Џон ака Ѓон, Вселенковци и Гоце САФ. Беше поставена мала изложба на постерите од сите дотогашни 12 критични маси, кои по настанот им беа подарени на дизајнерите. Паралелно беа проектирани видео записи од критичните маси. Настанот го проследија околу 1000 учесници.
- 25 септември 2013 - Проекција на документарен филм „We are traffic“ и два кратки филма „На улица #НаТочак“ и „Возење по велосипедска патека“ на платото помеѓу локалите Ла Кања и Чифте Амам во Стара скопска чаршија. „We are traffic“ е документарен филм за почетокот на движењето Критична маса во Сан Франциско пред 20-ина години.
- 7 ноември 2013 - „Трансформацијата на Љубљана во точакољупски град - лекции за Скопје“ - предавање на Андреј Клеменц. Предавање за развојот на велосипедизмот и одржливата мобилност на градот Љубљана, Словенија. Предавањето за трансформацијата на Љубљана во точакољупски град го водеше Андреј Клеменц, проектен менаџер за европски проекти за одржлива потрошна енергија и мобилност, кој го пренесе искуството од Љубљана каде значително се подобрени условите во последните 6 години. Настанот се одржа во Советот на Град Скопје и беше организиран заедно со Град Скопје и Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ).
- 23 февруари 2013 - ENGAGE Social Media & Activism Conference, Скопје. Промоција на краток документарен филм “На улица #НаТочак”. Тема: Филм за тоа каков настан е Критична маса, ретроспектива на последните девет критични маси во Скопје, илустрација на активностите што НаТочак до сега ги има преземено. http://www.youtube.com/watch?v=KeHox2dasKU
- 19 мај 2013 - ВЕЛОСИФЕСТ – Велосипедски празник во Скопје. Настанот се состои од работилници за декорирање на велосипеди и проекции на документарни филмови со активистичка содржина. Учество преку промоција на краток документарен филм “На улица #НаТочак”
- 31 мај - 1 јуни 2013 Novi Sad Biciklana fest, Нови Сад. На фестивалот се претставува севкупната новосадска велосипедска сцена - спортски, институционален, невладин/непрофитен и комерцијален сектор од велосипедизмот. Посетителите на фестивалот добиваат можност да се запознаат со сите засегнати страни во велосипедизмот на едно место како и да се информираат и уверат дека Нови Сад е велосипедски град.
- 14-16 јуни 2013 - Beograd Velograd Bicycle Festival, Белград. Целта на Белград Велоград е да го подобри градот преку промоција на употребата на велосипедите како секојдневно урбано превозно средство. На настанот може да се сретнат домашни и интернационални експерти за велосипедизам, компании за велосипеди од Србија и пошироко како и вело-активисти и дизајнери.
- 18 јули 2013 - Печа Куча, Скопје, мотивациона презентација на редовен учесник на критична маса за урбан велосипедизам
- 4 октомври 2013 - Skopje Design Week, Скопје - Работилница како да обликуваш паркинг за велосипеди
- 30 октомври 2013 - ЕХО - Планинскиот Филмски Фестивал, Скопје. Учество преку промоција на краток документарен филм “На улица #НаТочак” и презентација на редовен учесник на критична маса
- 22 ноември 2013 - Отворање на Автономен Културно Социјален Центар (АКСЦ) - Автономен! Слободен! Не-комерцијален! Културно-социјален центар - конечно и во Скопје! Простор за уметничко, општествено-ангажирано критичко промислување и делување. Учество преку промоција на краток документарен филм “На улица #НаТочак”
5. Започнати и планирани иницијативи
Во 2013-та беа започнати неколку иницијативи од страна на НаТочак. Учејќи од странските позитивни искуства, иницијативите што ги започнавме се однесуваат на поставување институционални рамки поврзани со градскиот и урбан велосипедизам како и конкретни мерки за негово подобрување во соработка со комерцијални и јавни институции.
- Изработка на правилник за стандардизација за изградба на велосипедски патеки - Град Скопје
- Воведување на статистичка категорија за уделот на велосипедот како превозно средство во вкупниот сообраќај - Државен завод за статистика
- Пренамена на дел од паркинг местата за автомобили во места за велосипеди - ЈП Паркинзи Град Скопје
- Подобрување на пристапот на велосипед и поставување на паркинзи за велосипеди - Трговски центри
- Краудмапирање на вело-недоследности и информации поврзани со урбаниот велосипедизам во Скопје- https://natochak.crowdmap.com
6. Критична маса
Критична маса е неформален велосипедски настан кој се случува во над 300 градови во светот. Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Критична маса е собир на велосипедистите со кој имаат можност да пратат порака дека градот треба да ги земе предвид како учесници во сообраќајот, да ги мотивираат останатите сограѓани да го користат велосипедот и како превозно средство, како и да актуелизираат одредена конкретна тема поврзана со урбаниот велосипедизам. Самиот собир е и отворена платформа за средба, размена на идеи и договарање акции на сите луѓе кои имаат интерес за велосипедизмот во градот.
Секој добронамерен граѓанин е добредојден да се вклучи со возење, но и активно да помогне како во грижата за настанот да помине во најдобар ред, така и во промоцијата на настанот и неговите цели. Критична маса зависи од придонесот на секој учесник, снабдувач со чај и делач на заштитни гас-маски, секој дизајнер, креатор на текст, DJ, медиум... сите кои волонтерски помогнале да се створи и да опстои Критична маса и во нашето Скопје.
НаТочак ја поддржува и помага Критичната маса во Скопје.
Првата Критична маса се возеше на 30 мај 2012 година. Оттогаш до денес се извозени вкупно 21 Критична маса, по една секој месец и евидентен е порастот на учесници во истиот месец во споредбата меѓу 2012-та и 2013-та година.
Во 2013-та година беа извозени 12 критични маси со вкупно 3.725 учесници и извозени вкупно 125 километри. Во просек на секоја Критична маса учествувале по 310 учесника кои извозиле во просек по 10,4 километри. Следува преглед за секоја извозена КМ:
- Опис: Критична маса посветена на загадениот воздух. Рутата опфати некои од фабриките во Скопје, учесниците возеа со маски, а на себе носеа пораки поврзани со темата.
- Дата: 30 јануари 2013
- Должина: 9.3km
- Број на учесници: 75
- Опис: Целта на оваа критична маса беше да се поттикнат граѓаните да ги припремат и да ги возат своите точаци иако е зима. Ги охрабривме скопјаните да не чекаат идеални услови за возење, како временски така и инфраструктурни
- Дата: 27 февруари 2013
- Должина: 10.6km
- Број на учесници: 150
- Опис: Им се обративме на возачите на автомобили да не ги окупираат малкуте велосипедските патеки кои ги има во Скопје. Како дополнителна активност, им остававме пораки на возачите на непрописно паркираните возила повикувајќи ги на лична одговорност, како и обележување на дел од велосипедските патеки.
- Дата: 27 март 2013
- Должина: 11.3km
- Број на учесници: 220
- Опис: Темата беше посветена на повторно запознавање со градот, непознатите мали улички и запознавање на точакот. Ја потенциравме едноставноста на точакот, а во тој период одржана е едукативна работилница за ситни поправки на точак.
- Дата: 24 април 2013
- Должина: 11.4km
- Број на учесници: 320
- Опис: Роденденско возење, на крајот од возењето беше организирана свирка со македонски бендови на платото на МКЦ, беа испечатени налепници за точаци со различни пораки и поставена беше изложба од сите постери дизајнирани до тогаш. По настанот, постерите беа подарени на сите дизајнери
- Дата: 29 мај 2013
- Должина: 11.3km
- Број на учесници: 1000
- Опис: Висинската разлика меѓу коловозот и тротоарите треба да биде лесно совладлива. Затоа ова возење беше посветено на овој аспект од инфраструктурата, проблем кој воедно е еден и од поедноставно решливите.
- Дата: 26 јуни 2013
- Должина: 11.1km
- Број на учесници: 400
- Опис: Ги повикавме велосипедистите на примерно и прописно возење. Укажавме на најчестите прекршоци, како непрописно сигнализирање, неосветлени велосипеди, возење во спротивна насока, поминување на црвено и сл.
- Дата: 31 јули 2013
- Должина: 10.2km
- Број на учесници: 418
- Опис: Го претставивме точакот како единствено превозно средство што не учествува во потикнување на глобалното затоплување, не согорува фосилни горива, редуцира CО2, работи на сопствен погон. Возењето заврши со пикник во Сарај.
- Дата: 28 август 2013
- Должина: 10.2km
- Број на учесници: 362
- Опис: Промоција на велосипедот како транспортно средство, не само како рекреативно. И ние сме рамноправни учесници во сообраќајот! По крајот од возењето имаше проекција на докуметарен филм “We are traffic”, филм за почетоците на движењето Критична Маса.
- Дата: 25 септември 2013
- Должина: 13.1km
- Број на учесници: 317
- Опис: Точакот е превозно средство за сите сезони. Ако времето заладува, тоа не значи дека треба да ги заборавиме точаците. Во промоцијата на ова возење, дадовме совети за возење на поладно време.
- Дата: 30 октомври 2013
- Должина: 12.5km
- Број на учесници: 273
- Опис: Уште една придобивка на возењето точак е тоа што ни штеди пари, направивме споредба со цените на другите превозни средства. Дополнително за ова возење снимивме и видео, споредба на поминување на иста релација со две превозни средства: точак и автомобил.
- Дата: 27 ноември 2013
- Должина: 8.2km
- Број на учесници: 94
- Опис: Новогодишната тема ја поврзавме со вело резолуции за новата година. Едни за градот, а едни лични, што ќе правите ти и твојот точак во следната година? Како подарок на крајот од возењето поделивме календари.
- Дата: 25 декември 2013
- Должина: 5.6km
- Број на учесници: 96
7. Финансиски извештај
НаТочак во 2013 година беше целосно само-финансиран. Приходите се реализирани преку донации од учесниците на Критична маса. Расходите се однесуваат на трошоци за промотивни материјали (флаери, постери, транспаренти, беџеви, стикери, календари), алат и материјали за спроведување на работни акции, поштенски услуги и сл. Екстреми во приходи и расходи се јавуваат кај роденденската и новогодишната Критична маса.
- Вкупно приходи: 39.482 денари.
- Вкупно расходи: 34.129 денари.

8. Односи со јавност
Во 2013 година НаТочак користеше повеќе канали за комуникација со јавноста. Информациите поврзани со работењето на неформалната група се објавуваа на веб-страната, а содржините се објавуваа и на социјалните медиуми (Facebook, Twitter и YouTube) овозможувајќи поголема видливост на работењето на НаТочак.
НаТочак градеше онлајн заедница преку профилите на социјалните медиуми каде потикнуваше конверзација околу активностите НаТочак и проблемите со кои се соочуваат учесниците во сообраќајот кои користат велосипед. Facebook фан страницата брои 4.190 фанови пред кои беа презентирани содржини кои се однесуваат на активностите на НаТочак како и едукативни содржини, добри практики од другите земји, а беа сподувани и мултимедијални записи. Профилот на Twitter брои 860 корисници кои ги следат објавите на кратките информации притоа употребувајќи го хаш-тагот #НаТочак (#NaTochak). YouTube каналот го следат 70 корисници, а во текот на 2013 година беа прикачени 25 видеа кои биле прегледани 14.346 пати.
За активностите на НаТочак можеше да се прочита во 45 медиуми кои објавиле вкупно 103 вести за НаТочак. Информации за НаТочак биле објавени на 33 онлајн медиуми, 6 печатени медиуми и 6 радио станици. Во 2013 година беа испратени две прес-соопштенија до 74 медиуми.
Со НаТочак може да се стапи во контакт преку следниве комуникациски канали: